sharmystery

Rock Art na Shar planina - otkritija i umetnost

Monday, July 31, 2006

Маркоа карпа

Карпата се наоѓа на Шар Планина на надморска височина од околу 800м. Карпата од горната страна е висока 2м а од долната околу 5м. Платото е со големина од 4,90х3,20м. малку закосено на југ-југозапад и скоро разделено на половина така да горната страна е повисока за 15 см.
На платото на карпата се наоѓаат три фасцинантни, загадочни и прекрасни релјефни претстави, а не како што народот кажува дека тоа е копитото на Марковиот Шарец и некои рецки од буздоганот на Марко кои ги направил кога скокал од оваа карпа на Сува Гора.

Што точно има на карпата?







На горниот средишен дел од карпата се наоѓа релјефот – претстава на човечка глава – човеков череп на кој јасно се гледаат очите, носот, горната и долната вилица и забите! Овој релјеф е 100 см. долг, 70 см. широк и 2 см. длабок.
Десно од него има крената десна рака во која има лак и стрела. Овој релјеф е 80 см. долг, 70 см. широк и 2 см. длабок.
На долниот, понискиот дел од карпата се наоѓа една необична, изненадувачка и зачудувачка форма, долга до 100 см, широка до 70 см. и 18 см. длабока!!!
Формата претставува новороденче со голема глава која потсетува на волк или куче во која има многубројни купули, а на средината на градите има ѕвезда со 5 крака, додека од средината на стомачето излегува едно каналче кое неизбежно потсетува на неоткината папочна врпца!
Зачудувачка, досега од мене невидена композиција!

Како го објаснувам ова?

Досега сум ја посетил оваа карпа десетина пати, направени се стотина фотографии, неколку пати е снимана со камера и насликав 4 слики на оваа тема.
Најверојатно е дека овие релјефи настанале во времето на Мезолитот судејќи по претставената стрела и лак. Сепак не е исклучено да бидат и од некое подоцнежно време. Но кое, со сигурност не можам да кажам.
Моето скромно мислење е дека ова е култно место, ритуална карпа за заштита на новороденчињата – надежта на племето и место каде се изведувале магиско – ритуални обреди од преисторијата па наваму.
Имено, породувањето било најтешкиот и најстрашниот момент за секоја жена, па дури и денес. Ние само може да наслутиме како тоа изгледало во далечната праисторија. И затоа од памтивека се прибегнувало кон магија и ритуали кога биле повикувани напомош разни духови и богови за благослов на родилката и новороденчето да биде здраво, живо и отпорно на болест. Верувам дека бебињата биле ставани во овој релјеф со волчја глава и сето тоа проследено со одредени ритуали за бебињата да бидат отпорни и јаки како волк. А и многубројните купули кои ги има само во оваа глава овде се симбол за родност.
Средишниот релјеф – човековиот череп на прв поглед е зачудувачки и долго време се прашував што бара череп овде. Јас мислам дека тоа е претстава за нивниот Дух – Бог заштитник со крената десна рака која означува заштита од несреќите и болестите.
А овој Дух – Бог заштитник со изглед на череп, според мене, не случајно така изгледа. Мислам дека тоа е длабоко смислен изглед за таков Бог. Тој треба да биде пострашен и од смртта, за да ја набарка и исплаши и самата смрт и така да ги заштити новороденчињата!




Ова се две од четирите слики кои ги насликав на оваа тема. Сликите се со димензии 125х150 см. работени во акрил, со мов и песок. Сликите се полни со симболи и се мое видување за поврзаноста на минатото со сегашноста, како моја визија за сликите од прасликите.

Wednesday, July 26, 2006



А оваа слика е моја инспирација од оваа чудесна карпа работена во акрил техника и со природни материјали, мов и песок со димензии 100х125 цм од 2003 г.

Што мислиме за ова!





Дали овие човечки стапала се симбол за присуство на премногу свет и моќен Бог кој не смее целосно да биде претставен, или се симбол за непрекинатото доаѓање и одење од овој свет?
Мислам дека е ова второто!
Многубројните купули се симбол за родност но исто така и за смрт, а различниот третман на стапалата е трагот што човекот го остава на овој и на оној свет. Горната стапалка го означува подлабокиот, духовниот траг, а поплитката оној траг што човекот го остава на земјата.
Страотната моќ на смртта била првобитниот и најосновниот повод за сите митско-религиозни претстави но огромна била и вербата за спас и бесмртност на човековата душа.

Карпата со стапала




Карпата се наоѓа во атарот на село Сетоле на надморска височина од 1000.метри. Таа е со димензии 300х280 цм. На неа изброивме над 120 купули со најразлична големина. Одредени беа со над 15 см широчина и исто толку длабочина!
На долниот дел од карпата има две поголеми купули околу кои се формираат кругови од други купули кои преоѓаат во спирала. Од левата страна има три концентрични полукругови со многубројни купули во низа.
Но најинтересно е тоа што на на горниот дел од карпата има две човечки стапала поставени едно по друго! И двете се десни стапала. Долги се до 35 цм. Горното стапало е 7 цм вдлабено во карпата, додека другото е свртено надолу и одвај видливо, како да е притиснато на мека основа!

Со што и кога била создавана оваа уметност?

Човековата култура била заснована на каменот. Тоа е вистината. Каменот бил првото човеково орудие и оружје, украс и живеалиште, светилиште и вечно почивалиште. Кременот и опсидијанот, со нив ги создал тие таинствени петроглифи на тврдите карпи, најверојатно во периодот од Мезолитот па се до Металното време, т.е. од пред 10.000 години па наваму.
Колку само енергија, време и верба им требало на тие луѓе да ги создадат тие гравири!

Што е тоа Rock art?

Rock art е уметност која се создавала на посебно обожувани и величествени карпи кои и денес зрачат со дух, снага, симболика, магија и мистичност а на нив има многубројни загадочни знаци: купули, крстови, стапала на луѓе и животни, претстави на луѓе и животни, сончеви тркала, најразновидни, гравири, пиктажи, петроглифи, пиктоглифи....
Овие мистични знаци ни ја откриваат човековата душа која била неизмерно богата и полна со верба во животот што има смисла, во безсмртнста во духовите и боговите, кое нешто им давало надеж или можеби цел на нивниот живот.
Тоа била уметност на опстанокот создадена од насушна потреба да се живее. Таа уметност била самиот нивен живот.

Која е Шар Планина?





Шар Планина, Skardus, дел од Catena Mundi – Веригите на светот, е во низата планини кои почнуваат од северната граница на Македонија преку западната граница па се до Охридското и Преспанското Езеро, со највисокиот Титов врв од 2747 м.
Шара е величенствана планина создадена да восхити, преполна со таинстваност, со преисторија и историја, легенди, преданија...
Тука ја видов недопрената природа и преисториската, првобитната, природната уметност. На карпите.

Saturday, July 22, 2006

Мистериите на Шар планина



Јас сум Александар Настески, дипломиран сликар и професор по ликовна уметност од Тетово, Македонија. Во последниве неколку години јас со моите пријатели, љубители на убавината, природата, историјата и креацијата, сите бескрајно љубопитни, ја имавме таа среќа да откриеме многу мистични, загадочни места на Шар планина и низ цела Македонија. Дотогаш мислевме дека карпестата уметност се наоѓа само во далечните земји, но тие неверојатни и прекрасни цртежи, гравири, пиктажи и релјефи се наоѓаат толку блиску до нас. Само треба да се појде на Шар планина и на другите наши прекрасни места и планини и пред Вас ќе се отвори еден нов - стар - прастар свет полн со изненадувања...