sharmystery

Rock Art na Shar planina - otkritija i umetnost

Saturday, August 12, 2006

Маркоа - бигор карпа с.Теарце

Во близината на големата Бигор карпа во с.Теарце, во самото подножје на Шар Планина се наоѓа нашава Маркоа – бигор карпа.
Таа е долга 15м., во горниот дел е широка 8м. а према полето 1м. По целата должина на карпата, на средината има бразда широка до 3цм. и 1 цм. длабока. Лево и десно од браздичката има многубројни куполи, а со сигурност изброивме 12, од кои некои се широки од 10 до 15 цм. а длабочина од 6 до 10 цм.



Од горната, пошироката страна, од лево има еден загадочен релјеф со неколку каналчиња – релјеф на риба долг 60 цм., широк 15 цм. и 3 цм. длабок.
Целата околина е бигор со извори на кисела вода и од дамнина луѓето доаѓале тука да пијат и да се мијат со таа вода за лекување од разни болести.



Легенда

Жителите од селото ја раскажуваат следнава кратка легенда: “Од оваа карпа Крали Марко со својот коњ Шарец земал залет и прескокнувал дури до Сува Гора оставајќи дупки со копитата од својот коњ а на средината на карпата направил бразда со опашката од коњот.“
Исто така луѓето се присетуваат дека до скоро време карпата била многу мазна, како стакло што значи дека до скоро била во функција. Тоа значи дека до скоро време се изведувале ритуали со водата која била пуштана по карпата каде се таложел бигорот, но сега е доста ронлив и карпата е обрасната со грмушки.

Што би требало ова да значи?

Во дамнешните времиња, во паганството, во преисторијата, кога мислиме дека настанале овие релјефи, тогашните луѓе изведувале разни обреди и церемонии за плодност со водата.
А водата е основен животен елемент, најнеопходен за опстанок на човекот, животните и растенијата и воопшто за животот. Водата била одсекогаш почитувана о обожувана.
Неопходноста, вечноста и тајновитноста на водата е осознаена од давнина: таа ја менува својата состојба од извор, до снег, мраз и пареа, но таа ја менува и земјата и ја прави плодна.
И затоа од секогаш била славена нејзината оплодна моќ во природата а во овој случај е симболична потврдата дека тврдата и неплодна карпа може да постане плодна со помош на водата!
На ова место треба да се потсетиме дека едно од најстарите светилишта во преисторијата за водата е во Ерихон и е датирано од пред 9.000 години.

Но, зошто релјеф на риба?




Ова прашање се наметнува самото бидејќи во близината нема некоја поголема река или езеро.
Најверојатно овој релјеф е направен многу подоцна во христијанско време, како симбол за Христос, за единствениот и семоќниот бог кој дава живот. Црквата морала да ги прифати прастарите обичаи на народот, додавајќи му свој симбол како би ги вклучла некои ритуали во својата религија. А дека релјефот на рибата е од подоцнежно време укажува и тоа дека тој е поочуван и подлабок од купулите и каналчето.

Во оваа прилика ќе ја прикажам само скицата на Марко со својот коњ Шарец, кој ги “создал“ овие интересни релјефи а сликата на оваа тема ќе ја започнам наскоро.

0 Comments:

Post a Comment

<< Home