sharmystery

Rock Art na Shar planina - otkritija i umetnost

Monday, July 31, 2006

Маркоа карпа

Карпата се наоѓа на Шар Планина на надморска височина од околу 800м. Карпата од горната страна е висока 2м а од долната околу 5м. Платото е со големина од 4,90х3,20м. малку закосено на југ-југозапад и скоро разделено на половина така да горната страна е повисока за 15 см.
На платото на карпата се наоѓаат три фасцинантни, загадочни и прекрасни релјефни претстави, а не како што народот кажува дека тоа е копитото на Марковиот Шарец и некои рецки од буздоганот на Марко кои ги направил кога скокал од оваа карпа на Сува Гора.

Што точно има на карпата?







На горниот средишен дел од карпата се наоѓа релјефот – претстава на човечка глава – човеков череп на кој јасно се гледаат очите, носот, горната и долната вилица и забите! Овој релјеф е 100 см. долг, 70 см. широк и 2 см. длабок.
Десно од него има крената десна рака во која има лак и стрела. Овој релјеф е 80 см. долг, 70 см. широк и 2 см. длабок.
На долниот, понискиот дел од карпата се наоѓа една необична, изненадувачка и зачудувачка форма, долга до 100 см, широка до 70 см. и 18 см. длабока!!!
Формата претставува новороденче со голема глава која потсетува на волк или куче во која има многубројни купули, а на средината на градите има ѕвезда со 5 крака, додека од средината на стомачето излегува едно каналче кое неизбежно потсетува на неоткината папочна врпца!
Зачудувачка, досега од мене невидена композиција!

Како го објаснувам ова?

Досега сум ја посетил оваа карпа десетина пати, направени се стотина фотографии, неколку пати е снимана со камера и насликав 4 слики на оваа тема.
Најверојатно е дека овие релјефи настанале во времето на Мезолитот судејќи по претставената стрела и лак. Сепак не е исклучено да бидат и од некое подоцнежно време. Но кое, со сигурност не можам да кажам.
Моето скромно мислење е дека ова е култно место, ритуална карпа за заштита на новороденчињата – надежта на племето и место каде се изведувале магиско – ритуални обреди од преисторијата па наваму.
Имено, породувањето било најтешкиот и најстрашниот момент за секоја жена, па дури и денес. Ние само може да наслутиме како тоа изгледало во далечната праисторија. И затоа од памтивека се прибегнувало кон магија и ритуали кога биле повикувани напомош разни духови и богови за благослов на родилката и новороденчето да биде здраво, живо и отпорно на болест. Верувам дека бебињата биле ставани во овој релјеф со волчја глава и сето тоа проследено со одредени ритуали за бебињата да бидат отпорни и јаки како волк. А и многубројните купули кои ги има само во оваа глава овде се симбол за родност.
Средишниот релјеф – човековиот череп на прв поглед е зачудувачки и долго време се прашував што бара череп овде. Јас мислам дека тоа е претстава за нивниот Дух – Бог заштитник со крената десна рака која означува заштита од несреќите и болестите.
А овој Дух – Бог заштитник со изглед на череп, според мене, не случајно така изгледа. Мислам дека тоа е длабоко смислен изглед за таков Бог. Тој треба да биде пострашен и од смртта, за да ја набарка и исплаши и самата смрт и така да ги заштити новороденчињата!




Ова се две од четирите слики кои ги насликав на оваа тема. Сликите се со димензии 125х150 см. работени во акрил, со мов и песок. Сликите се полни со симболи и се мое видување за поврзаноста на минатото со сегашноста, како моја визија за сликите од прасликите.

0 Comments:

Post a Comment

<< Home