sharmystery

Rock Art na Shar planina - otkritija i umetnost

Sunday, February 12, 2012

24-ти Валкамоника Симпозиум - Уметноста и комуникациите во предлитерарните општества

Капо ди Понте, Италија 2011 година


Зборникот на трудови и службената покана

Од 12-19-ти јули 2011 година учествував на престижниот 24-ти Валкамоника симпозиум, кој традиционално се одржува во малото питорескно гратче во северна Италија - Капо ди Понте. Симпозиумот го водеше прочуениот научник, археолог, професор - доктор Емануел Анати, кој се уште е профессор на Лече Универзитетот, основач и ексклузивен директор на Центарот за праисториски студии.Темата на овој Симпозиум беше насловена: Уметноста и комуникациите во предлитерарните општества.



Центарот за праисториски студии во Капо ди Понте

На моја голема среќа единствено јас бев примен со свој труд и со своја изложба од 10 слики со заедничка тема Вечните симболи. На овој Симпозиум зедоа учество преку 120 учесници од целиот свет: научници, археолози, доктори на науки, директори на музеи за праисторија, меѓу кои и мојот пријател и колега проф. д-р Душко Алексовски, откривачот на карпестата уметност во Р. Македонија. Симпозиумот беше одлично организиран: трудовите на учесниците беа претставени во седум сесии, имаше перформанси, заедничка изложба на четири ликовни уметници, како и посети на неколку праисториски паркови, убаво уредени, преполни со гравири, пиктажи и композиции - сите под заштита на УНЕСКО. Организаторот издаде извонреден Зборник на трудови, каде што се застапени сите автори со абстракти и целосни трудови.





Автопортрет со Адам од Пена


Вечните симболи - 1


Од моето излагање






Од посетата на праисториските паркови








Гравири од Валкамоника

Ова беше мое прво учество на ваков меѓународен симпозиум каде што ја имав можноста да ги представам моите откритија од далечната праисторија - две ритуални карпи од долината на р.Пена, од единствената и прекрасната Шара: Адам од Пена и Рибите од Пена.


Адам од Пена


Рибите од Пена

На овие карпи нема осамени знаци, туку се осмелувам да кажам дека овде има вистински симболично - наративни композиции кои се создадени од нашите предци и се меѓу првите во светот на ликовната уметност, воопшто.

На карпата Адам од Пена е претставена машка фигура со својата машкост, а од десната страна има оштетени претстави на женски фигури, додека на горната страна од карпата се наоѓаат повеќе елементи : машкиот и женскиот триаголник кои со каналчиња се поврзани со наведените фигури, што секако упатува на либација, потоа крстот, кругот и змијата и сето тоа ни укажува дека ова е ритуална карпа за плодноста и сексуалноста на еден редок и оригинален начин.

Втората карпа е Рибите од Пена, каде што има една комплексна композиција од животни: рис кој лови риба - пастрмка и канал поврзан со главата на човек - веројатно наменет за либација - 8 подолги и пократки паралелни гравири - симболи за водата, крстот со гранче, како и повеќе машки и женски триаголници - симболи за Небото - Сонцето и Земјата - Големата Мајка и нивниот Свет брак (Хиерос гамос). Од сето ова произлегува дека од тој Свет брак настанал целиот наш свет : природата, растенијата, животните и луѓето!

Овие раритетни композиции , според темите кои ги обработуваат, според техниката и начинот на кои се изведени, според симболите кои се употребени, верувам дека потекнуваат од раниот период на Мезолитот, од пред 10-ина илјади години, време кога реалистичкото претставување на нештата било се уште живо, значи се уште било свежо сеќавањето на претходниот Палеолитски период.

Ликовните елементи кои се претставени на овие прекрасни уметнички дела ни зборуваат за неверојатно високото ниво, за сфаќањето на поредокот во светот и на животот воопшто, за симболиката на нештата и за способноста на нашите предци да создаваат симболи, кои опстоиле илјадници години и кои повторно се раѓаат во нови современи форми, но со вечно значење. Тие симболи се вечни, и тие се историско, културно, уметничко и религиозно наследство кои му припаѓаат на целиот свет.

Александар В. Настески

ак.сликар и истражувач

декември/јануари 2012 год

0 Comments:

Post a Comment

<< Home