sharmystery

Rock Art na Shar planina - otkritija i umetnost

Monday, November 16, 2015

Ѕвезди над карпите



   
 ЅВЕЗДИ НАД КАРПИТЕ




  
      На мојата 30-та самостојна изложба под горниот наслов, отворена во Тетово на 26.5.2015 г. се претставив со 14 слики, 6 од поранешниот период и со 8 слики од најновиот опус. И веднаш можеше да се забележи дека постои видлива разлика помеѓу овие две целини, иако инспирацијата беше од моите пронајдоци кои потекнуваат од далечната праисторија.
       Првите 6 слики беа од периодот од 2006 - 2012 г. кога моите пронајдоци од карпестата уметност ги обработував, толкував и ликовно ги претставував со познатите ставови од службената историска наука и археологија.
       Но, другите 8 најнови слики се видливо поинакви бидејки тие содржат други митски, историски, но и научни сознанија за нашиов свет, за културниот, уметничкиот и научниот развој за светот и Вселената воопшто. 
       Kако и зошто се случила оваа драстична промена во моето сфаќање за дел од моите пронајдоци и за нивното поинакво толкување и ликовно претставување ?
        Таа промена настана многу одамна и се развиваше со новите, да речам револуционерни сознанија за многу прашања од развојот, историјата и културата на човештвото, како на пример: за настанувањето на палеолитското сликарство, за карпестата уметност, за пронаоѓањето на металите, за градбата и намената на египетските пирамиди, за културата и уметноста на Инките, Маите, за Велигденските Острови, за Стариот свет, за средновековието, па сé до најновите научни сознанија за Вселената. 

       Последниве години светот многу напредна и се отвори, информациите и новите откритија за човековата историја и култура, како и најновите сознанија за Вселената сега се секому достапни и ние сме сведоци на многубројни, неочекувани и шокантни откритија кои порано биле табу теми и од кои „боли глава“.
       Овие сознанија долго време тлееја во мене сé додека не се потврдија со некои од моите пронајдоци од карпестата уметност од нашава Шара кои потекнуваат од далечната праисторија, кои ги обработив и овде ликовно претставив, како на пример: Карпата со стапалата и Маркоата карпа, и двете од околината на с. Сетоле.
       На првата карпа има две човечки стапала и 130-тина купули распоредени во спирали, кои во науката се толкуваат како претстави за ѕвездите, а тоа значи дека оваа карпа е астрална карта, една од првите карти во светот на кои е претставена нашата галаксија Млечниот пат.
      Но, од каде го знаеле тоа нашите далечни предци?! Самите тешко би можеле тоа да го откријат, и најверојатно имале голема помош од некој друг - а тоа биле нивните „богови“ кои денеска се познати под името древни вонземјани - древните посетители на нашава планета, дамнешните ѕвездени патници - космонаути, кои по сé изгледа овде биле од памтивека и од пред тоа. А, и стапалките го симболизираат и потврдуваат тоа непрекинато доаѓање и одење од нашиов свет.
      За ова нешто ни зборуваат и многубројните митови, цртежи во пештерите и на карпите, огромен број слики и скулптури во гробниците на старите народи како и претстави на вселенски летала на фреските и иконите од средновековието. Во оваа прилика ќе укажам на најспектакуларниот пример од црквата Високи Дечани и тоа од фреската Распетие Христово каде експлицитно се прикажани две вселенски летала - и тоа од 1350 година!

     На Маркоа карпа од с. Сетоле, која е ритуална карпа за заштита на новороденчињата и мајките - родилки, релјефите се 4 пати поголеми од човековата природна големина и би можеле да бидат сеќавање на нашите предци за нивните „богови“ - гигантите - древните вонземјани кои некогаш  владееле со нашиов свет, или би можеле да бидат нивна креација.
     И токму тие уметнички дела од праисторијата, митовите за Млечниот пат, вселенските летала од фреските од средновековието, најновите сознанија за Вселената и за нашата галаксија Млечниот пат си го најдоа своето место во моите најнови дела.

     Во нив ги претставив овие уникатни историски, уметнички, религиозни и философски дела на мој начин со нагласен ритам од форми и бои, многу ликовна драматика и треперења, а најмногу искрен пристап кон оваа проблематика со желба дека овој мој мал и скромен придонес ќе помогне за подобро осознавање на вистината за нас и нашиов свет, поставувајќи ги непрестајно вечните прашања: кои сме, од каде сме и каде одиме?
     Овие слики се мој обид на мој начин да ја претставам неверојатната, несфатливата епска моќ на Вселената и Природата во нејзиното создавање, катаклизмичко самоуништување и пресоздавање, кои за нашиов човечки ум, веројатно, ни приближно не е појмливо. Но, по сé изгледа е сéприсутно во целава за нас позната и непозната Вселена.
    Дали сме сами во овој бескраен, таинствен и несфатлив Космос? 
    Кога би постоеле само ние и нашиов свет од оваа мала и прекрасна Земја, тогаш огромниот Космос би бил премногу празен и пуст простор!
     А тоа, се разбира, наједноставно речено е невозможно!!!








1 Comments:

Blogger Dragi Nedelchevski said...

Прекрасни слики, големи откритија!

10:05 PM  

Post a Comment

<< Home